Едноставна промена во исхраната може да го забави биолошкото стареење, покажува студија


depositphotos_395341452_s.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Промената на односот на храната во исхраната може да помогне во забавувањето на биолошкото стареење на телото за само неколку недели, покажува нова студија.


Научниците од Универзитетот во Сиднеј спроведоа студија во која учествуваа 104 лица на возраст од 65 до 75 години. Учесниците потоа беа поделени во четири групи, а во текот на четири недели истражувачите ѝ обезбедија на секоја група различен вид оброк, објавува Science Focus.

Едната група доби полувегетаријански оброци со висока содржина на масти. Другата доби полувегетаријански оброци со висока содржина на јаглехидрати. Третата група доби мешана исхрана, која вклучуваше храна од животинско и растително потекло, со висока содржина на масти, додека четвртата група беше на мешана исхрана со висока содржина на јаглехидрати.

На почетокот и на крајот од четиринеделниот период, беше измерена биолошката возраст на учесниците – еден вид целокупна проценка на функцијата и метаболизмот на клетките. За ова, беше користен методот Клемера-Дубал, кој ги зема предвид различните биомаркери и параметри, вклучувајќи го нивото на инсулин, холестеролот и крвниот притисок.

Најмалку промени беа забележани во групата што имаше мешана исхрана со висока содржина на масти, чија исхрана беше најслична на онаа што ја имаа учесниците пред почетокот на студијата.

Сепак, сите три други групи покажаа намалување на биолошката возраст на крајот од четири недели. Најизразено намалување беше забележано во групата што јадеше храна од животинско и растително потекло, со поголем внес на јаглехидрати и помал внес на масти.

Важно е овие јаглехидрати да бидат минимално преработени – повторувањето на истражувањето со бел леб од продавница и кесичка чипс нема да даде толку позитивен резултат.

Овие промени се „во согласност со претходните докази дека исхраната богата со сложени јаглехидрати може да го продолжи животниот век и да го подобри метаболичкото здравје“, велат научниците во резултатите од истражувањето објавени во списанието Aging Cell.

Д-р Кејтлин Ендрус, главен автор на студијата, рече дека истражувањето покажува дека „исхраната навистина може значително да влијае на нашата физиологија, дури и во релативно кратки периоди и во подоцнежниот живот“.

„Мислам дека има многу смисла да се префрли фокусот од ограничување на храната на целокупниот квалитет и рамнотежа на нашата исхрана“, додаде таа. „Мали, реални и одржливи промени во целокупниот квалитет на исхраната сè уште можат да имаат значително влијание врз здравјето како што старееме“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK