Во ова време од годината се појавуваат голем број листи со предлози за патување, па затоа е потребна одредена доза на самодоверба за да се прогласи само едно место за најдобра дестинација за следните 12 месеци, пишува „Time Out“.
Токму ова го прави списанието „Travel + Leisure“ секој ноември, а сега, во своето 12-то издание, откри која дестинација е прогласена за најдобра за 2027 година.
Главниот уредник Џеки Гифорд рече: „Првпат ја посетив оваа земја кога имав три години и бев воодушевена од нејзините бои, путерниот нан леб, финото свилено сари, сообраќајниот хаос и топлината што може да се почувствува во секој разговор. Оваа земја ви влегува под кожа.“
Станува збор за Индија. Од мирни крајбрежни дестинации и сафари во природата, преку живи метрополи до помалку познати агли, оваа земја нуди толку многу што би можеле да поминете месеци или дури години истражувајќи ја.
Еден пример е архипелагот Лакшадвип, кој го издвои списанието „Травел + Лежер“. Се наоѓа по должината на југозападниот брег на Индија, а пристапот е дозволен само на посетители кои добиваат посебна дозвола. Од вкупно 36 острови, околу десет се населени, додека три или четири се отворени за туристи секоја година, со одобрение од администрацијата на Лакшадвип.
Исто така, постојат лавиринти од пештери од песочник, скриени под дождливиот пејзаж на Мавсинрам, најдождливото населено место на планетата, како и индиската „мала Швајцарија“ – Каџар, скриена во Хималаите, меѓу врвовите покриени со снег и алпските ливади.
Списанието „Травел + Лежер“ го издвојува Удаипур, познат и како „Венеција на Истокот“, како и малите урбани области на Мумбаи. На листата се најде и Хумаџунпур, дел од Делхи, кој според списанието „Тајм Аут“ оваа година го зазеде 16-то место на листата на најкул населби во светот.