Златна рамка 18-20 јуни во МКЦ: нови македонски филмови, презентации, трибини

ZLATNA-RAMKA-2024_POSTER-750x375.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Шестото издание на „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ќе се одржи од 18 до 20 јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар.

Филмската ревија „Златна рамка“ претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне македонските филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм. Филмската програма годинава содржи долгометражни, краткометражни и документарни остварувања.

Во рамките на долгометражната програма на 18 јуни, во 20.30 часот, ќе биде прикажан филмот „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова во продукција на „ДНФ Продукција“, на 20 јуни е проекцијата на „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски со „Лист Продукција“ како и филмот „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов со „Минд Продукција“.

Краткометражната програма содржи девет филмови, кои ќе бидат прикажани во терминот од 18 часот на 19 јуни. На програмата се остварувања на режисер(к)ите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Бесар Илјази.

Документарната програма носи пет остварувања, а проекциите се распоредени во текот на трите денови на одржувањето на ревијата „Златна рамка“. На 18 јуни, во 18 часот, е проекцијата на филмот „Бисер“ во режија на Драган Кумев, додека во 19 часот ќе биде прикажан документарецот „Последниот каубој на Балканот“ на режисерот Сабедин Али. На 19 јуни, во терминот од 12 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Живот на крстосница“ (Недопирливи) на Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ на Сенад Абдули. На 20 јуни, во 18 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Јанѕа“, работен според „Дневник по многу години“ од Блаже Конески во режија на Никола Т. Калајџиски во продукција на „Контраст филм“.

Социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“, годинава ќе се одржи на 20 јуни во Домот за стари лица „Мајка Тереза“.

Покрај ревијата на македонски филмови, „Златна рамка“, предвидува да се одржи Свечено собрание на ДФРМ на 18 јуни. На 19 јуни пак во 20 часот, ќе има презентација на филмската камера „Сони“.

На 20 јуни, во 12 часот, ќе се одржи трибина со наслов „Зачувување на аудиовизуелното наследство“ на која ќе учествуваат Владимир Ангелов, вон.проф.м-р Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски.

Традиционално „Златна рамка“ ќе ги додели почесни награди на ДФРМ за филмски актер, филмски автор и филмски работник.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK