Вердиевата „Аида“ и палење на фестивалскиот оган отворени 51. Мајски оперски вечери

Со звуците на „Триумфалниот марш“ од Вердиевата „Аида“ и со палењето на фестивалскиот оган, кој го запали маестро Томислав Шопов, во Националната опера и балет (НОБ) вчера свечено беа отворени меѓународните 51. Мајски оперски вечери. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање на отворањето на манифестацијата, премиерната изведба на операта „Набуко“ од Џузепе Верди ја поврза со 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Ден на Европа.

-Библиската старозаветна приказна за покорените и протерани Евреи од својата татковина и силината на музиката на „Набуко“ се како копнеж, крик на сите народи за слобода и обединување во траен мир зашто Набуко не е единствениот низ историјата кој безразумно урива, поробува и убива. За жал, такви ликови имало и ги има и ним уметноста никогаш не им била на срце. За среќа, не ѝ се ни тие на срце на уметноста, рече Костадиновска-Стојчевска

Музичките критичари, додаде, за „Набуко“ ќе напишат дека изведбата на оваа опера можат да си ја дозволат само оперските куќи кои располагаат со вистинска вокална моќ.

-Нашата Опера и балет ја има таа моќ на која ќе сведочиме и вечерва благодарение на сите оние што ја основаа, ја подигнаа и ја издигнаа во врвна национална установа. Им благодарам и на сите режисери, диригенти, костимографи и сценографи кои дојдоа и доаѓаа како странски гости, а си заминаа со чувство како да си одат од дома, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Годинава фестивалот е во знакот на одбележувањето на 210-годишнината од раѓањето на Џузепе Верди, а „Набуко“ во НОБ ја постави екипа од Италија. Диригент беше Даниеле Аџиман, режисер Ренато Бонајуто, а како солисти настапија Марјан Јованоски, Абигале Злата Тошевска, Игор Дурловски и други, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

На „Мајските оперски вечери“, кои ќе траат до 31 мај, ќе бидат изведени и балетот „Лебедово езеро“ од Чајковски, операта „Кармен“ од Жорж Бизе, „Травијата“ од Верди. Јубилејот 210 години од раѓањето на големиот композитор Џузепе Верди ќе биде одбележан со изведба на едно од најмоќните и најдраматични дела во историјата на класичната музика, „Реквием“, каде што ќе свири оркестарот на Филхармонијата, а ќе настапи и хорот од НОБ.

Педесет и првото издание на „Мајските оперски вечери“ ќе биде затворено на 31 мај со изведба на Вердиевата „Аида“.

Leave A Comment