„Есенва се договаравме да снимаме втор дел на ‘Опстанок’, но Мето си замина“ – режисерот Грозданоски се сеќава на заедничката соработка

„Есенва-се-договаравме-да-снимаме-втор-дел-на-‘Опстанок-но.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Силно невреме го носи сплавот на Босилка, Петре, Анѓа и Стојанче во шумски предел. Далеку од селото и своите најблиски тие го запознаваат Осамениот кој живее со своето куче, изолиран од светот. Тој им помага да се вратат дома, а и тие нему повторно да го пронајде своето место помеѓу луѓето. Вака накусо би се опишала безвременската телевизиска серија „Опстанок“ во режија на Миле Грозданоски со која пораснаа цели генерации. Драмата е снимена во 1990 година, во продукција на МРТВ, и своевремено достигна огромна популарност, а неодамна повторно беше емитувана на јавниот радиодифузен сервис.

Улогата на Осамениот во „Опстанок“ ја толкува еден од најдобрите македонски актери – Мето Јовановски, кој почина денес на 77-годишна возраст.

„Макфакс“ разговараше со режисерот на телевизиската драма, Миле Грозданоски, кој ни раскажа за снимањата, соработката со Јовановски, но и нивните планови.

Мето Јовановски во телевизиската серија „Опстанок“

Култната серија била снимана цела година од пролет до пролет, а снимањето воопшто не било лесно, со оглед на тоа што од едната страна се деца-аматери, а од другата врвните македонски актери.

„Мето најмногу време помина во кадар со Петре, Стојанче, Босилка и Анѓа и кучето Волчко. Секој ден на сет со многу трпение и разбирање“,се сеќава Грозданоски.

Мето Јовановски и децата актери во серијата „Опстанок“

Мето Јовановски во крупен план секогаш сакал да му се снима само едната страна од лицето оти таа му била поубава, се шегувале во екипата. Но, на таа страна му била лузната и изваденото око, па Гроздановски вели дека од тој агол бил пострашен.

Мето Јовановски во телевизиската серија „Опстанок“

Има многу досетки од продукцијата, се сеќава режисерот, но тешко му е да зборува многу во овој тажен миг за Мето.

Грозданоски и Јовановски есенва се договарале да снимаат продолжение на „Опстанок“.

Миле Грозданоски – режисер на популарната телевизиска серија „Опстанок“

„Планиравме да снимаме втор дел од серијата, сега веќе со пораснати деца, ако најдевме финансии, се разбира… Но, толку од договорот. Мето замина, се надевам на блажено место. Вечна му слава“, вели Гроздановски за „Макфакс“.

Мето Јовановски зад себе остави бројни театарски, филмски и телевизиски улоги меѓу кои и во „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Тајната книга“. Пред 20 дена ја одигра неговата последна театарска претстава во матичниот Драмски театар, насловена „My name is Goran Stefanovski“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK