Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 април.
Еден од Господовите празници е празникот Преполовение на Педесетница, кој се празнува во Црквата на средината од периодот од празникот Воскресение Христово до празникот Педесетница, т.е. во средата пред Неделата на Самарјанката (петтата недела по Велигден). Можеби е непознат во народот, но се работи за голем Господов празник, бидејќи се однесува на Христос Владиката. Оваа поделба и поставување на празникот Преполовение во Дванаесетте празници тргнува од гледиштето дека овој празник ни ја дава можноста да го видиме Христовото дело од Неговото крштение во реката Јордан, до Неговото преображение и до Неговото страдање. Знаеме добро дека дека светите Евангелија го опишуваат тоа што го кажал Христос, што направил и што претрпе за спасението на човечкиот род. Токму овој празник ни ја дава можноста да ја видиме таа страна (што кажал и што направил), која е доволно суштинска. Со други зборови, се покриваат сите христолошки собитија, од Христовото Крштение до Неговото Преображение. Важноста на празникот Преполовение, кога се празнува Христос како Премудрост Божја, се гледа од тоа што соборните храмови што го имале името Света Софија (Премудрост), не биле посветени на некоја светителка што се викала Софија, туку на Премудроста Божја, а тоа е Христос. Нивната храмова слава била, според разни испитувања, на празникот Преполовение.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е 10 мај.
Блажениот Иван Мерц
Денеска, со голема радост во нашите срца, го славиме спомен-денот на хрватскиот блажен Иван Мерц, големиот лаички апостол на Црквата во Хрватска. Роден е на 16 декември 1896 година во Бања Лука како син на австриски офицер, управител на железничката станица во Бања Лука. Гимназијата ја завршил во родниот град, во 1914 година бил повикан во војска и на италијанскиот фронт останал до крајот на Првата светска војна. Престојот на бојното поле, каде што секој ден и гледаше на смртта во очи и беше изложен на страдање, ја разбуди неговата вера и го зацврсти неговиот христијански поглед на светот. По завршувањето на војната, од 1919 година, студирал литература во Виена и Париз, а докторирал во 1923 година во Загреб. Тој е еден од иницијаторите и функционерите на Католичката акција, Хрватското здружение на орли и Хрватското католичко движење, промотор на општествените активности на католичките мирјани. Тој беше пример и симбол на модерната светост, љубовта кон ближниот, вистинската добрина и пожртвуваното дарување, еден од најголемите поддржувачи на литургиското обновување и евхаристискиот живот во хрватската нација. Како духовен писател се занимавал со литературни и црковни теми во духот на обновата. По операцијата на синусите, тој се разболел од менингитис и умрел на денешен ден, 10 мај 1928 година, во Загреб, зајакнат од мистериите на верата, на 32-годишна возраст.