Дамева поднесе тужба до Управниот суд за одлуката за нејзино разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет

dameva
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешната претседателка на Судски совет Весна Дамева поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет.







-Имајќи ја во предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, која во основа се заснова на фактите кои веќе и се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон, изјави Дамева за МИА.

Дамева, како што изјави, поднела и кривична пријава до ОЈО Скопје поради сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област.

-Со оглед дека во случајот за да се дојде до целта и да бидам разрешена од претседател на Судски совет на Република Северна Македонија беа сторени и прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област, до ОЈО Скопје поднесов кривична пријава поради постоење на основи на сомнение дека е сторено продолжено кривично дело Злоупотреба на службената должност и овластување од чл.353 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45 од КЗ, вели Дамева.

Правната заштита, како што појаснува, ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на институцијата Судски совет и значењето на функцијата претседател на Судскиот совет и интегритетот на оние кои ја сочинуваат институцијата.

-Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано, вели Дамева.

Дамева пред неполн месец, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет сега ја извршува Сашко Георгиев.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK