Успешно заврши првиот македонско-грчки „Digital Bridge & Business ICT Forum“, кој денеска во Скопје обедини повеќе од 130 претставници на компании, институции и организации од Северна Македонија и Грција, со фокус на создавање нови деловни партнерства, размена на знаење и отворање можности за заеднички настап на регионалните и европските пазари.
Во рамки на форумот беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу МАСИТ и грчката асоцијација SETPE, со што двете организации поставија основа за поинтензивна соработка во областа на дигиталната економија, иновациите, технолошкиот развој и поврзувањето на компаниите од двете земји.
Настанот беше обележан и со силна деловна компонента. Во pitching сесијата активно учествуваа повеќе од 20 компании од двете земји, кои ги претставија своите производи, услуги, технолошки решенија и развојни капацитети пред потенцијални партнери и клиенти.
Особен интерес предизвика B2B програмата, во чии рамки беа реализирани повеќе од 190 однапред организирани деловни состаноци. Во директна комуникација компаниите имаа можност да ги претстават своите потреби и капацитети, да разменат искуства и да разговараат за конкретни можности за соработка, заеднички проекти и деловни партнерства.
Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, оцени дека форумот ги надминал првичните очекувања и покажал дека постои сериозен интерес за подлабоко економско и технолошко поврзување меѓу двете земји.
„Меморандумот што денес го потпишавме не е крајна дестинација, туку почетна точка за посилна институционална соработка, поголема размена на знаење и искуства и повеќе можности компаниите од двете земји да работат заедно. Вистинскиот успех на форумот ќе се мери преку новите партнерства, проекти и бизнис можности што ќе произлезат од средбите што се одржаа денес“, изјави Димитриевски.
На форумот се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија H.E. Софија Филипиду, заменик-министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски, како и претседателите на МАСИТ и SETPE.
Организаторите оценија дека форумот претставува значаен чекор кон создавање трајни врски меѓу македонскиот и грчкиот ИКТ сектор и најавија продолжување на активностите насочени кон јакнење на регионалната дигитална соработка и конкурентност.