Превентивно евакуирани четири села поради пожарот во Дрвенохорија, северозападно од Атина

pozar 1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Преку порака од бројот 112 за итни случаи беше побарано од жителите на четири села превентивно да се евакуираат поради пожарот во областа Дервенохорија на околу 60 километри северозападно од Атина, јави дописничката на МИА од Атина.







Портпаролот на противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис рече дека токму во овој дел е мобилизиран најголемиот број на копнени и воздушни противпожарни средства, бидејќи пожарот е голем, се движи кон населени места и затоа беше испратена порака преку 112 за евакуација, а паралелно во прекин е сообраќајот на околните улици.

Објасни дека интервенираат 250 пожарникари со осум пешадиски тима и 75 возила, како и 11 авиони и девет хеликоптери од кои еден е за координација.

Во однос на другите пожари Ватракојанис посочи дека оној во источниот дел на областа Атика е под контрола, додека пак во Лутраки и Коринт на Пелопонез постојат многу активни жаришта и разгорувања.

Пожарот во Дервенохорја избувна вчера попладне и поради ветерот се шири со голема брзина и се доближува до населби и индустриска зона во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина.

По барање на Грција, ЕУ преку механизмот за цивилна заштита уште денеска ќе испрати два канадери од Франција и два канадери од Италија за да помогнат во гаснењето на пожарите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK