Парламентот на Србија ќе расправа за безбедносната состојба по масовните убиства во земјата

srbija-parlament
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Две недели по масовните убиства во белградското основно училиште и кај Младеновац, предградие на Белград, во кои загинаа 18 лица, претежно деца и млади, пратениците во српскиот Парламент на посебна седница ќе разговараат за околностите и последиците од овие злосторства.







На дневен ред на собранието е и барањето на опозицијата за разрешување на министерот за полиција Братислав Гашиќ, кого го сметаат за одговорен за актуелната безбедносна состојба. Не се очекува да биде усвоено ниту едно од барањата на опозицијата, со оглед на тоа што владејачката коалиција, предводена од Српската напредна партија на шефот на државата, Александар Вучиќ, има мнозинство.

Седницата следува по двата масовни собири под слоганот Србија против насилството на улиците во Белград по повик на дел од опозицијата, а нов протест е најавен за петок, 19 мај, пред зградата на српскиот парламент во центарот на главниот град.

Опозицијата и нејзините поддржувачи ги обвинуваат Вучиќ и власта за долгогодишно создавање на амбиент кој доведе до зголемување на насилството. Закажувањето итна собраниска седница беше едно од барањата што дел од опозицијата ги изнесе на протестите на 8 и 12 мај во Белград и во другите градови во Србија, каде се собраа десетици илјади демонстранти.

Покрај Гашиќ, опозиција бара оставка и од Александар Вулин, првиот човек на Безбедносно-информативната агенција (БИА), смена на членовите на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и на Радио и телевизија на Србија (РТС), како и укинување на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи.

Опозициските партии сметаат дека програмите на овие телевизии „промовираат насилство, агресија и неморал“, пред сè преку реални шоуа, а одговорноста за несанкционирањето на ваквите програми ја сноси РЕМ.

Во некои реални програми, кои се исклучително гледани и популарни во Србија, натпреварувачите понекогаш се осудени криминалци, а други обвинети за тешки кривични дела.

Српскиот претседател Александар Вучиќ обвинува дел од опозицијата за „политичка злоупотреба на трагедијата“ по двете масовни убиства, а неговите поддржувачи на социјалните мрежи ги нарекуваат „мршојадци“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK