Гитари, аплаузи и многу рокенрол: BIZBendovi за првпат ја освои скопската сцена


biz_bend_000000
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Гласни гитари, познати рок-хитови, многу аплаузи и енергија што не стивнуваше до крајот на вечерта. Вака изгледаше првото издание на BIZBendovi во Скопје, кое на 26 октомври во Public Room ги собра претставниците на бизнис-заедницата во едно поинакво издание.

Настанот, кој веќе има своја традиција во Белград, за првпат се одржа пред македонската публика, носејќи концепт што ги спојува музиката, тимскиот дух и корпоративната култура. На сцената се претставија четири бенда, секој со свој музички карактер, а публиката имаше можност да ги запознае луѓето од компаниите од една сосема поинаква перспектива.


Вечерта започна со ревијалниот настап на fEIMus, бенд на компанијата EIM од Белград, кој зад себе има победа на едно од претходните изданија на BIZBendovi. Со својот настап го најавија рокенрол-ритамот на вечерта и ја донесоа атмосферата од белградската сцена во Скопје.

Натпреварувачкиот дел го отвори ТРЕТ ПУБЕРТЕТ, бендот во кој People Media се споија со актуелен и иден клиент и заедно покажаа многу ентузијазам, креативност и препознатлив рокенрол-дух.

По нив настапија The Cards, бендот во чиј состав се преслика една успешна деловна соработка: на тимот на CaSys му се приклучи директорката за продажба во Diners Club Македонија. Овој заеднички настап ја освои жири-комисијата, која ги прогласи The Cards за победници на првото македонско издание на BIZBendovi 2026 и македонски претставници на регионалното издание што ќе се одржи во Белград на 24 ноември.

Музичката програма ја заокружи ревијалниот настап на Hard to Handle, бендот на Dr. Oetker. Нивната изведба беше уште една потврда дека заедничката љубов кон музиката може да ги поврзе колегите и надвор од секојдневните работни обврски.

Повеќе од музички натпревар

Она што ја одбележа вечерта не беа само настапите, туку и атмосферата надвор од сцената. Колеги ги бодреа своите колеги, деловни партнери навиваа за омилените бендови, а публиката пееше и уживаше во добро познатите рокенрол-рефрени.

BIZBendovi покажа дека корпоративната култура може да се гради и на поинаков начин – преку заеднички интереси, дружење и активности што ги поврзуваат луѓето надвор од нивните професионални улоги.

Во реализацијата на првото издание на BIZBendovi во Скопје значајна улога имаа и партнерите кои ја поддржаа оваа музичка приказна. Diners Club Македонија како главен спонзор, Dr. Oetker како спонзор, Пивара Скопје како Drink Sponsor и Red Bull како Drink Partner придонесоа за вечерта што ги обедини бизнисот, музиката и добрата забава.

Ако првото издание на BIZBendovi во Скопје покажа нешто, тоа е дека за добар бенд, исто како и за добар тим, најважно е луѓето да бидат на иста бранова должина. Се гледаме следна година!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK