Легендарната плажа Навагио на грчкиот остров Закинтос ќе остане затворена за посетители најмалку до 31 октомври 2026 година.
Грчките власти ја продолжија забраната поради опасност од одрони и лизгање на земјиштето од стрмните карпи што ја опкружуваат.
На туристите нема да им биде дозволено да се симнат на плажата ниту да се капат, а бродовите не смеат да се приближат на помалку од 50 метри од брегот. За прекршување на правилата се предвидени парични казни.
Плажата е светски позната по бродоломот „Панагиотис“, кој се наоѓа таму од 1980-тите и е една од најфотографираните туристички атракции во Грција.
Причина за затворањето е ризикот од нови одрони. Во 2018 година неколку капачи беа повредени кога дел од карпите се урнаа врз плажата.
Посетителите и натаму ќе можат да уживаат во погледот кон Навагио од видиковецот, а ќе бидат организирани и бродски тури, но само на пропишаната безбедна оддалеченост.