Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, денеска изјави дека е горд што е под американски санкции и дека своето понатамошно политичко патување го планира „со пријателите“, наведувајќи дека тоа се претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Додик и неговите најблиски соработници, меѓу кои се речиси сите водечки луѓе во РС, како и членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, се под санкции на Министерството за финансии на САД, а сега се соочени со фактот дека банките во БиХ им ги затвораат сметките една по друга и на овој начин се обидуваат да избегнат ситуација во која и самите би ги претрпеле последиците со тоа што ќе бидат исклучени од меѓународните платежни трансакции.
Додик и неговите соработници сега не можат да добиваат плати, ниту заеми или кредитни картички, а затворањето на банкарските сметки, исто така, влијае на компаниите што САД ги назначија како извор на финансиска моќ за водачите на босанските Срби.
Меѓу нив е и фирмата „Интеграл инжењеринг“ од Лакташ, со која до неговата смрт минатата година раководеше пријателот на Додик, Слободан Станковиќ. Иако почина, санкциите кон неговата компанија останаа, а од компанијата потврдија дека од 17 сметки што ги имале досега, банките затвориле 15, а очекуваат наскоро да ги блокираат и останатите две, па не знаат како ќе продолжат да работат.
И покрај фактот што поради санкциите стана платежно неспособен, Додик во средата им рече на новинарите дека „не му е грижа за американските санкции“ и дека тоа нема да го одврати од неговата политика.
„Имаме и други пријатели“, рече Додик и обидувајќи се да ги наброи ги спомна Вучиќ, Путин и Орбан, а особено смета на соработка со Будимпешта и Белград, кој го нарече и негов главен град.
„Унгарија, Република Српска и Србија ќе се здружат во некаква економска унија“, најави Додик.
Тој повторно се закани дека РС наскоро ќе го усвои својот изборен закон и ќе спроведе избори според него, доколку не се отповика одлуката за наметнување технички измени на изборниот закон, што ја донесе високиот претставник Кристијан Шмит.
„Ќе го донесеме тој закон и според него ќе спроведеме избори во РС. Не ни е грижа ако Западот не ги признае. Ние ќе ги признаеме“, рече Додик.