Претседателот на Република Српска Милорад Додик потврди дека нема да се појави на пресудата во среда по обвинението со кое се товари за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница.
Претходно се појавија шпекулации дека Додик нема да присуствува на пресудата бидејќи неговиот адвокат ја остави таа опција отворена. Сепак, сега пристигна официјална потврда. „Донесов одлука. Нема да одам и не морам. Никој не бара од мене“, рече Додик, пренесува „Кликс“.
Тој, исто така, ги повика своите поддржувачи, кои редовно доаѓаа пред Судот на БиХ за време на судењето, да не одат во Сараево во среда. Наместо тоа, тој ги покани во Бања Лука на дводневен митинг што го организира по повод овој судски случај.