Централен предизборен митинг на СИРИЗА во Атина

miting
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Надеж дека СИРИЗА в недела ќе биде победник на изборите и увереност дека актуелните прогнози за рејтингот на партиите се погрешни, изразуваат симпатизерите и поддржувачите на СИРИЗА, кои синоќа присуствуваа на централниот предизборен митинг на кој говореше лидерот на партијата Алексис Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.







Традиционално во Грција четврток пред изборите е денот кога во центарот на Атина, говор одржува опозициската партија, а митингот на СИРИЗА беше на плоштадот Синтагма.

-Граѓани на Атина, нашиот денешен собир најавува победата. Ова е најголемиот собир што некогаш сме го одржале на Синтагма, рече Ципрас на почетокот на неговиот говор поздравувајќи ги присутните.

Истакна дека в недела Грција ќе сврти нова страница, ќе се стави „крај на режимот на неправдата“, а правдата ќе се врати во земјата и посочи дека со победа на СИРИЗА в недела, веќе в понеделник земјата ќе има прогресивна Влада.

Дописничката на МИА од Атина присуствуваше на митингот на СИРИЗА и поразговара со поддржувачите на партијата, кои во пресрет на изборите в недела очекуваат победа и промена во земјата.

-Очекувам промена, очекувам почитување на владеењето на правото и подобра иднина. Се надевам дека ќе победиме, вели млада Гркинка.

Поддржжувачите на СИРИЗА изразуваат воздржаност и резервираност во однос на анкетите што се објавуваат во Грција, според кои партијата е втора со помал рејтинг од Нова демократија. Како пример ги споменуваат предизборните истражувања на Кипар и во Турција, кои беа демантирани од изборните резултати.

-Нормално дека ќе победиме и сигурно е дека ќе се покаже дека прогнозите на агенциите за рејтинг се целосно утнати. На Кипар не погодија, во Турција исто, така ќе биде и во Грција, вели повозрасен Грк.

Друг пак, потсетува на прогнозите за референдумот во 2015 година, кога исто така резултатите беа целосно спротивни на прогнозите и процените.

Со партиски и грчки знамиња, симпатизерите на СИРИЗА му приредија топол пречек на партискиот лидер кој речиси еден час говореше за сите актуелни теми, за партиската програма, на присутните им закажа нова средба, в недела вечер, за како што рече, да ја прослават победата на СИРИЗА, а масовниот собир заврши онака како што и започна, под звуците на „Bella ciao“

-Искрено и со отворено срце денес од грчкиот народ не бараме втора шанса да владееме, туку прва шанса да ја водиме земјата врз основа на нашата програма, врз основа на нашите желби, а не врз основа на она што мора. Без меморандуми, без принуда, без Тројката, без Шојбле, без сите оние кои ни ја наметнаа нивната политика, порача Ципрас.

На плоштадот Синтагма, присутни беа поранешни министри од Владата на СИРИЗА, како и актуелни и кандидати за пратеници.

Кампањата во пресрет на изборите в недела, лидерот на опозициската партија ќе ја заврши со говор во Патра, додека пак во Атина, централен митинг, на последниот ден од предизборниот период, вечерва ќе одржи актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.

Според сите истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во предизборниот период, СИРИЗА е на втората позиција зад Нова демократија, а разликата достигнува и до седум отсто.

СИРИЗА беше на власт во периодот од 2015 до 2019 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK