Францускиот претседател Емануел Макрон изјави синоќа дека прекин на огнот меѓу Украина и Русија може да биде договорен во наредните недели.
Во интервју за „Фокс њуз“ по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, Макрон рече дека разговарал со европските лидери и дека многу од нив се подготвени да дадат безбедносни гаранции. Францускиот претседател изјави и дека САД не можат истовремено да водат трговска војна со Кина и Европа.
Пред интервјуто за „Фокс њуз“, Макрон одржа заедничка прес-конференција со Трамп во Белата куќа. Трамп првично го нарече Макрон негов пријател и рече дека е среќен што ќе го пречека назад во Белата куќа.
„Целта на нашата денешна средба е да ставиме крај на уште една битка, навистина ужасна, нешто што не сме го виделе од Втората светска војна“, рече Трамп. Доналд Трамп потоа се сврте кон финансирање на војната во Украина, тврдејќи дека „трошокот и товарот“ не треба да паѓаат само на САД.
„Задоволен сум што Макрон се согласува дека цената и товарот за обезбедување мир мора да ги сносат европските нации, а не само САД, и дека Европа мора да преземе централна улога во обезбедувањето на долгорочната безбедност на Украина, што тие сакаат да го направат“, рече тој.
Американскиот претседател го повтори тврдењето дека Америка и помогнала на Украина многу повеќе од која било друга земја. Тој, исто така, повтори дека војната во Украина никогаш не требало да започне и рече дека ќе ја спречи Третата светска војна.
„Имаме нов пат кој промовира мир низ целиот свет“, рече Трамп. „Моето најголемо наследство е да бидам миротворец“, рече тој.