Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола потврди дека Родри ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда на предните вкрстени лигаменти.
„Тој денеска беше опериран, мислам дека го повреди и менискусот. Тој ќе се врати следната сезона. Оваа сезона заврши. За жал, ги добивме најлошите вести. Понекогаш, за жал, тоа се случува. Тука сме да го поддржиме и да му помогнеме да се опорави добро, чекор по чекор“, изјави Гвардиола на прес-конференција пред натпреварот со Њукасл.
28-годишниот шпански фудбалер се повреди минатата недела на дербито против Арсенал (2:2), кога се судри со противничкиот играч Томас Парти.
Родри е еден од најважните играчи на Сити. Минатата сезона тимот ја освои рекордната четврта последователна титула во Премиер лигата. Минатата сезона во првенството Сити доживеа три порази, сите кога во тимот го немаше Родри.
Родри во пресрет на повредата го критикуваше проширениот натпреварувачки календар и рече дека играчите биле блиску до одлука за штрајк поради премногу работа.
„Тоа што ни го дава, немаме сличен играч, но сите други играчи заедно можат да го заменат она што Родри ни го даде откако дојде. Ќе мораме да го направиме тоа како тим и да најдеме начин да играме многу натпревари без важен играч за нас“, додаде Гвардиола.
Родри е еден од нкандидатите за „Златната топка“ оваа година, бидејќи освен добрите настапи во Сити, и помогна на Шпанија да го освои Европското првенство летово. Беше прогласен за МВП на Европското првенство.