Градоначалникот Лимани најавува 15 проекти со кои евидентно ќе се подобри патната инфраструктура на Гостивар

limani.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Општина Гостивар аплицираше со 15 проекти на повикот за доделување 100 милиони евра од Министерството за локална самоуправа. Најголем дел од проектите се однесуваат на градската  патнат инфраструктура, меѓу кои и изградбата на ново шеталиште во центарот на градот. Станува збор за улицата „Кочо Зози“ која го поврзува плоштадот со главната подружница на Поштата во Гостивар.


Градоначалникот Валбон Лимани вели дека сите проекти за кои аплицирале се дизајнирани според бараните стандарди и очекува сите да бидат прифатени.

„Како општинска администрација веќе сме подготвиле апликации за 15 инфраструктурни проекти. Главно се работи за реконструкција и асфалтирање на патишта во општина Гостивар. Еден од проектите што сакам да го споменам е делот од поранешно Кино кој ќе се трансформира во модерно шеталиште. Верувам и се надевам дека овие проекти ќе се реализираат до крајот на годината или следната пролет кога очекуваме да имаме оглас на кој ќе аплицираме и со проектите што ги предвидовме“, изјави Валбон Лимани, градоначалник на општина Гостивар.

Градоначалникот Лимани најави дека во моментов се работи на уредување на канализацијата на патот Здуње – Дебреше. Во должина од над два километра првпат се уредува овој дел од градот, додека по неговото завршување, локалните власти велат дека обезбедиле финансиски средства за асфалтирање на патот.

„Канализацијата на патот Здуње – Дебреше продолжува и мислам дека за кратко ќе се доработи делот што остана. Во меѓувреме, во контакт со Светска банка и со компанијата која ги започна работите на патот Здуња-Дебреше, бев информиран дека следната недела ќе започне преостанатиот дел од асфалтирањето и верувам дека до крајот на есента исто така ќе биде комплетно завршена“, изјави Валбон Лимани, градоначалник на општина Гостивар.

Во наредните денови се очекува да започне уште еден важен проект од патна инфраструктура. Станува збор за булеварот „Гоце Делчев“ кој ќе се реконструира и асфалтира од двете страни од Центарот за култура до автобуската станица.

„За кратко, можеби следната недела, ќе започне реконструкцијата и асфалтирањето на булеварот „Гоце Делчев“, делот од Центарот за култура до автобуската станица, за кој мислам дека има потреба од реконструкција, а со 15-те проекти што ги споменав на почетокот очигледно ќе се подобри патната инфраструктура во градот“, изјави Лимани.

На овој повик, градоначалникот Лимани најави дека фокусот е повеќе на инфраструктурата на градот, додека на вториот повик што ќе го објави Владата на почетокот на следната година со вредност од 250 милиони евра, акцентот ќе биде на инфраструктурата на селата.

Инаку, денеска истекува рокот до кога општините треба да го пополнат формуларот за аплицирање за јавниот повик што го објави Министерството за локална самоуправа. По добивањето на формуларите за пријавување, започнува процесот на евалуација, кој се очекува да заврши најдоцна во рок од 10 дена, а врз основа на него, надлежните министерства изготвуваат предлог за одлука за тоа кои проекти ќе ги финансираат нивните ресори и Предлогот за одлука се доставува на одобрување на владина седница.

Средствата ќе бидат распределени преку шест ресорни министерства и тоа: Министерство за култура и туризам, Министерство за транспорт, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за образование и наука, Министерство за животна средина и просторно планирање и Министерство за спорт.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK