Со собрани 118 600 денари, Халкбанк реализираше повторна, втора по ред донација за Интервентниот женски фонд за директна поддршка на женската независност

Халк пакет за жени 2
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Втора година по ред, Халкбанк директно ги донираше сите средства собрани од продажната изложба и онлајн продажбата на „Фустани со џебови 2.0“, која се одвиваше преку дигиталното издание на списанието портрет ‒ portret.digital. Собраните средства одат во Интервентниот женски фонд за поддршка на сите жени што се соочиле со некој вид семејно насилство или насилство врз жени, во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Преку продажба на креациите – донации од познатите македонски дизајнерки Јована Филиповиќ, Ирина Тошева, Наталија Терзија и дизајнерот Марјан Бебекоски – се собраа 118 600 денари што Халкбанк директно ќе ги насочи кон финансиската и економската самостојност на жените.



Интервентниот фонд е прв фонд наменет за материјална и советодавна помош на жени жртви на насилство што сакаат да ја напуштат или ја напуштиле насилната средина. Директната парична донација на Халкбанк ќе биде наменета за интервентна помош при: трошоци за медицински интервенции и прегледи, храна и хигиена, адвокатски услуги за жените што имаат потреба од правна помош, како и за нивните деца, но и за какви било други материјални трошоци што може да ги има жената во процесот на напуштање на насилната средина.

„Како што најавивме минатата година, така продолжуваме и оваа, втора година по ред континуирано и посветено да им даваме поддршка на сите жени на кои им е неопходна помошта. Од сè срце им благодариме на сите што издвоија време и средства за да се вклучат во новата хуманитарна акција на ФСЏ, преку која заедно придонесуваме со финансиска поддршка за оние на кои таа им е повеќе од потребна. Оваа донација претставува уште една мала освоена победа во нашата борба за зголемување на финансиската слобода, едукација и моќта на жените во земјата“, изјави Маја Наумовска Савеска, директорка на корпоративни и маркетинг-комуникации во Халкбанк.

„Во 2017 година го основавме Интервентниот женски фонд со цел да обезбедиме финансиска поддршка, која е од клучно значење за жените што сакаат да ја напуштат насилната средина.

Фондот се финансира исклучиво преку донации од физички и правни лица, кои ќе ја препознаат неговата важност. Особено сме ѝ благодарни на Халкбанк што и оваа година ја препозна суштинската важност на оваа помош за жените што се соочуваат со насилство. Веќе втора година ја добиваме нивната поддршка, која ни овозможува успешно да ја продолжиме нашата мисија – обезбедување целосна помош и поддршка за жените и децата жртви на семејно насилство. Партнерството со Халкбанк е од клучно значење за нас, бидејќи ни овозможува не само да ги продолжиме, туку и да ги прошириме нашите активности обезбедувајќи долгорочна стабилност и поголема безбедност за најранливите. Благодарејќи на оваа соработка, жените добиваат шанса за нов почеток и подобра иднина“, изјави Ана Аврамоска Нушкова, проектна координаторка во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Со оваа донација, Халкбанк успешно ги заокружи активностите што се дел од платформата „Фустани со џебови 2.0“ за оваа година, каде што централно место заземаат женската самостојност и финансиската рамноправност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK