Германскиот канцелар Олаф Шолц вети, за време на денешната посета на градот Золинген, каде што три лица беа убиени во напад со нож за време на викендот, дека ќе ги засили депортациите и ќе ја намали нерегуларната миграција.
„Ова беше тероризам, тероризам против сите нас“, изјави Шолц пред новинарите откако положи цвеќе на местото на нападот во спомен на жртвите, пренесува Ројтерс.
Нападот, за кој полицијата верува дека го извршил осомничен член на Исламска држава од Сирија, ги поттикна политичките тензии околу правилата за азил и депортација, како и насилниот криминал пред трите национални избори следниот месец.
„Ќе мораме да направиме се што можеме за да обезбедиме оние кои не можат и не смеат да останат во Германија да бидат вратени во својата земја и депортирани“, рече Шолц.
Минатата година властите планирале да го депортираат осомничениот за петочниот напад со нож, 26-годишен Сириец, во Бугарија, но депортацијата била неуспешна, бидејќи човекот не бил во неговото сместување за бегалци кога властите се обиделе да ја спроведат мерката, според извештаите.
Како што напиша „Шпигел“, на забавата во петокот вечерта биле повредени осум лица, од кои четворица потешко.
Осомничениот, 26-годишниот Сириец Иса ал-Х., од синоќа е во притвор, под сомнение за убиство и под обвинение за припадност на терористичката група „Исламска држава“, која, според „Шпигел“, ја презела одговорноста за нападот и во неделата објави видео за кое се вели дека се гледа сторителот.
Се уште не е јасно кога е снимено видеото и дали осомничениот е извршител на нападот.