При рушење на глечер на Исланд загина турист, додека уште едно лице е тешко повредено, но неговиот живот не е во опасност. Спасувачите трагаат по уште двајца исчезнати туристи. Службите за итни случаи вчера добиле дојава за уривање на глечерот Брејдамеркурјокул нешто пред 15 часот по локално време. Исчезнатите туристи биле дел од група од 25 луѓе кои со водич ја посетувале ледената пештера, пишува Би-Би-Си.
„Условите на теренот се многу лоши. Тоа е глечер, тешко е да се испорача опрема таму. Ние правиме сè со рака”, рече началникот на локалната полиција Свеин Кристјан Рунарсон. Локалните медиуми објавија дека 200 луѓе биле вклучени во спасувачката операција. Рунарсон рече дека полицијата не успеала да стапи во контакт со двете исчезнати лица.
„Немаме контакт, па не знаеме каква е ситуацијата. Двајцата што ги најдовме имаат сериозни повреди“, додал Рунарсон и потврдил дека станува збор за странски туристи. „Турите во ледената пештера се одржуваат речиси цела година. Екскурзиите ги водат искусни планински водичи. Несреќи секогаш може да се случат“, рече тој.
Од полицијата велат дека туристите биле во клисурата меѓу влезовите на пештерата кога се урнал глацијалниот ѕид. Breidamerkurjökull е таканаречен глацијален јазик кој се протега од глечерот Ватнајокул до лагуната Јокулсарлон. Глечерскиот јазик е познат по своите ледени пештери, кои често се посетени од туристи.