Венецуела во хаос: властите обвинуваат за хакерски напади од Северна Македонија

ве1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Големи немири избија во главниот град на Венецуела еден ден откако претседателот Николас Мадуро изјави дека победил на изборите.


Неколку илјади демонстранти се обидоа да се приближат до претседателската палата во главниот град Каракас, додека полицијата и војската одговорија со солзавец и гумени куршуми. Би-би-си наведува дека левичарските паравоени формации им се придружиле на безбедносните сили и се судриле со демонстрантите и блокирале многу патишта околу центарот на градот.

Облаци чад од запалените гуми се издигнуваат над Каракас. Демонстрантите, кои претежно се на мотори, користат молотови коктели за време на судирите со полицијата.

Агенцијата РИА наведува дека во близина на претседателската палата се слушнале истрели и дека граѓаните трчале за да се заштитат. Министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез на социјалната мрежа Икс напиша дека за време на немирите во Венецуела се повредени повеќе од 20 војници и дека некои се здобиле со прострелни рани.

Главниот аеродром во Каракас засега работи нормално.

Протестите ја зафатија и сојузната држава Ла Гуаира, каде демонстрантите ја урнаа и запалија статуата на поранешниот претседател Хуго Чавез на централниот плоштад.

Државниот обвинител Тарек Сааб во понеделникот објави дека од Северна Македонија бил извршен сајбер напад насочен кон изборниот систем, кој наводно го нарушил процесот на броење гласови за време на претседателските избори одржани викендов. Нападот наводно е поврзан со адвокатот и опозициски активист Лестер Толедо.

Опозицијата ги оспори изборните резултати и тврди дека Едмундо Гонзалес победил убедливо со 73 отсто од гласовите. Испитувањата на јавното мислење пред изборите покажаа чиста победа на Гонзалес, кој беше поддржан од речиси сите опозициски партии во обид да го собори Мадуро по 11 години на власт. Многу опозициски лидери се засолниле во аргентинската амбасада, плашејќи се да бидат уапсени, додека РИА известува дека демонстрантите се обиделе да се пробијат до нив.

Мадуро рече дека опозицијата нема да може да создаде политичка криза во Венецуела.

– Ова се луѓето кои ќе владеат со Венецуела? Сакаат да дојдат на власт и да преземат функција? Да започне граѓанска војна? Не можеа и нема да можат. Акти на насилство и фашизам нема да поминат – нагласи претседателот во обраќањето до граѓаните.

Венецуелската влада доцна во понеделникот објави дека ги повлекува дипломатите од голем број земји од Латинска Америка кои не ги признаваат резултатите од претседателските избори и истовремено побара овие земји веднаш да ги повлечат своите претставници од Венецуела. Прв реагираше Перу, кој на венецуелските дипломати им даде рок од три дена да ја напуштат земјата.

Венецуела, исто така, привремено ќе ги прекине комерцијалните летови со Панама и Доминиканската Република како одговор на нивното наводно мешање во работите на земјата.

Актуелниот претседател на Венецуела Николас Мадуро победи на претседателските избори одржани во неделата откако освои 51 отсто од гласовите, додека опозицискиот кандидат Едмунд Гонзалес освои 44 отсто.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK