Министерот за надворешни работи на Израел денеска го повика НАТО да ја исфрли Турција од воената алијанса, откако турскиот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган се закани дека неговата земја може да влезе во Израел, како што во минатото влегла во Либија и Нагорно Карабах, објави тој, откако веста ја пренесе и агенцијата Ројтерс.
„Во светло на заканата на турскиот претседател Ердоган дека ќе го нападне Израел и неговата опасна реторика, министерот за надворешни работи на Израел, Кац им наложи на дипломатите, итно да се ангажираат со сите членки на НАТО, повикувајќи ја Турција на осуда и барајќи нејзино протерување од регионалната алијанса“, објави израелското Министерство за надворешни работи.
Ердоган, жесток критичар на израелската војна против Хамас во Газа, во говорот во неделата рече: „Мораме да бидеме многу силни за Израел да не може да ѝ ги прави овие работи на Палестина. Како што влеговме во Карабах, како што влеговме во Либија, можевме да им го направиме истото“.
Тој не прецизираше каква интервенција предлага, наведува британската агенција.
„Ердоган оди по стапките на Садам Хусеин и се заканува дека ќе го нападне Израел. Треба да се сети што се случи таму и како заврши“, се вели во изјавата на израелскиот министер за надворешни работи.