Во системот за кислород и компримиран воздух во Клиничкиот центар е пронајдена мала концентрација формалдехид, потврди денес министерот за здравство Арбен Таравари. Хируршките сали беа затворени на 22 мај откога смрдеа се рашири од дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух, а неколку дена подоцна салите беа отворени, но со надворешни компресори. Пациентите и вработените се жалеа на силна смрдеа, печење во очите, носот и грлото, симптоми идентични на оние предизвикани по изложување на формалдехид.
„Има одредени информации дека е најдена, да речам, одредена мала концентрација на формалдехид меѓутоа официјално с уште немам добиено. Ние веќе работиме на нова набавка за комплетно нова компресорска станица и комплетно нова инсталација Се надевам што поскоро ќе го решиме овој проблем да не зборуваме за вакви теми повеќе кои се непријатни и неубави за сите граѓани бидејќи создаваме ситуација на несигурност кај пациентите. Засега хируршките сали во Клинички центар, повеќето, функционираат и се надевам така ќе продолжиме“, рече министерот Таравари одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на бесплатни тестови за хепатит Б, Ц и ХИВ на плоштад „Македонија“ во Скопје.
Летово тој вели дека операциите ќе се менаџираат заедно со Градската општа болница „8 Септември“ и хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ за граѓаните и пациентите да бидат мирни и спокојни.
Минатата недела, пак, министерот рече дека потешките операции, за кои нема услови во Клинички центар оти се работи со надворешни компресори, до декември ќе се прават во ГОБ „8 Септември“ и во поранешната градска болница „Св. Наум Охридски“ оти дотогаш очекува да заврши поставувањето нова компресорска станица. Тендер за неа допрва ќе распише Министерството за здравство откога никој не се јави на тендерот распишан од ЈЗУ УК „Завод и ургентен центар – Скопје“.