„Потребна ни е длабока реформа на целиот систем на Центарот за управување со кризи за да се гасат пожари побрзо и поефикасно“, посочи директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
„Вчера имавме вкупно 27 пожари на отворено и шумски пожари. Од нив утрово за жал се активни 7 пожари. Изгаснати се 16 пожари, додека под целосна контрола се ставени 4 од нив“.
Во овој момент како што вели Ангелов, најактивен, најсериозен пожар и најтежок за гасење е тој во Македонски Брод кој се движи во близина на Јасен, односно кон селото Брезница. Овде е упатен еден полициски хелихоптер, а набргу треба да пристигнат и двата ер трактори.
На планината Серта најголемиот дел од она што е изгорено, повеќе од 90 проценти е трева, грмушки, трева, нискостеблести растенија и во мал процент борово зимзелена шума.
„Тие растат покрај самиот пат. Економската штета од планината Серта може не е голема, тука е поголема штетата од економските ресурси кои ги ангажиравме“, посочи Ангелов.
„Во овој момент немаме потреба од странска помош, успешно се справуваме со досегашните пожари, посочи Ангелов.
„Од УХМР имаме и најава за врнежи денеска, доколку паднат дождови состојбата ќе биде стабилизирана“, заврши Ангелов.