Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк: да се обединиме во градењето на иднината на Македонија

mickoski1-13072024.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Христијан Мицкоски, оствари средби со македонската дијаспора во Њујорк, САД.


Присуствуваше на вечерната богослужба во чест на светите Петар и Павле во црквата Св. Кирил и Методиј во Њујорк, како и на собирот организиран од Македонците во САД.

Мицкоски пред присутните посочи дека основните постулати од кои поаѓа новата Влада на надворешен план се забрзан напредок во евроинтеграцискиот процес, унапредување на односите со соседните држави и регионалната соработка, пораст на кредибилитетот на државата како членка на НАТО, засилување на стратешкото партнерство со САД и другите западни демократии, како и поцврст ангажман во насока на привлекување на странски инвестиции.

„На внатрешен план посветено ќе работиме за да ги обезбедиме сите потребни услови за остварување на побрз економски развој, ќе даваме силна поддршка на домашната индустрија и земјоделието, ќе ја зголемуваме енергетската независност, ќе водиме засилена борба против корупцијата и криминалот, ќе ја реформираме администрацијата, ќе се залагаме за поголема независност и ефикасност на правосудниот систем. Истовремено ќе градиме стабилен здравствен систем, поквалитетно образование и ќе го зголемуваме ученичкиот и студентски стандард. Ќе обезбедиме поголема поддршка и вложувања во науката, научните истражувања и иновациите, важно е да се зголеми степенот на заштита на животната средина, да се зацврсти пензискиот фонд и спокојот за пензионерите и поголемо внимание да се обрне кон задоволување на мноштвото од потребите на младите“, истакна премиерот Мицкоски.

Мицкоски истакна дека Македонија сака да ја направи модерна држава, во која сите уште посилно ќе веруваме и ќе ја градиме нашата заедничка и просперитетна иднина.

Во оваа прилика би сакал да ви се заблагодарам на сите вас овде присутни, но и на оние припадници на дијаспората ширум светските меридијани, за се што сторивте досега, постојано и достојно претставувајќи ја македонската историја, култура, јазик и обичаи. Немаме било каков сомнеж во вашата подготвеност дека и во иднина ќе продолжите да ни помагате, нам на вашите најблиски и на вашите роднини и пријатели дома, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека во насока на надминување на актуелните и идните потешкотии и остварување на амбициозно поставените државни цели, ќе биде неопходно да се зголеми меѓусебната соработка со дијаспората.

Мицкоски ги повика членовите на дијаспората заеднички и посилно да работат на унапредување на комуникацијата, дијалогот и заедничките активности.

„Помагајќи си едни на други и дејствувајќи сплотено ќе можеме многу побрзо и поефикасно да ја оствариме заедничката визија и да ја направиме Македонија посакувано и многу подобро место за живеење. Вие сте нашата жива и постојана врска со светот, вие сте нашите најдобри амбасадори кои силно ни помагаат во промоцијата на нацијата, јазикот, културата, уметноста, образованието и сите други области кои не ги спомнавме, но сепак се дел од вашата секојдневна помисла и агенда на дејствување“, посочи Мицкоски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK