Јаневска: Охрид добива модерно средно стручно училиште во кое инвестираме 110 милиони денари

uciliste-ohrid-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Охрид добива модерно средно стручно училиште. Во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ имаме прилично голема инвестиција од речиси 110 милиони денари, со кои целосно се реконструира објектот и ученичкиот дом во состав. Најавувам дека започнуваме и постапка за набавка на нова опрема, каква што доликува да се постави во овој објект, односно нови клупи, столчиња, плакари и сето тоа што е потребно за нормално работење на кадарот и за квалитетно следење на наставата. Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска посетија неколку основни и средни училишта во општината, каде се реализираат инфраструктурни инвестиции.


„За жал овде предолго траат градежните работи, поради недоволна грижа и посветеност на претходното раководство и затоа една од моите први задачи кога дојдов во министерството, беше да видиме каде е застојот и кои се причините, да ги забрзаме тука активностите и час поскоро училиштето да биде трансформирано во модерна установа што ќе ги стимулира младите да одбираат стручно образование и добро ќе ги подготвува за настап на пазарот на трудот“, рече Јаневска, додавајќи дека согласно договорот и комуникацијата која ја имале со изведувачот, сите преостанати работни активности ќе завршат до средината на следниот месец.

Министерката информираше дека МОН има инвестиција и во основното училиште „Св. Наум Охридски“ во Пештани, каде, како што рече со 8 милиони денари се изврши поставување на енергетски ефикасна фасада и се адаптираше тоалет за ученици со посебни потреби.

„Наскоро ќе ја опремиме и спортската сала во училиштето, со сите оние реквизити неопходни за обавување на повеќе популарни спортови – фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, гимнастика…Значи ќе набавиме кошеви, голови, мрежи за одбојка, клупи, топки и така натаму и тоа ќе биде завршено до крајот на тековната година, како што предвидува веќе склучениот договор“, нагласи министерката.

Инфраструктурата е значаен услов за квалитетна настава и затоа новата Влада ќе се заложи за зголемување на инвестициите во нови училишта и реконструкција и опремување на постојните, подеднакво во сите општини, рурални и урбани средини каде ќе биде нотирана потреба од вложувања, а согласно буџетските можности, кои, рече Јаневска, планираме постепено да растат.

„Веќе најавив дека во првите 100 дена од мандатот ќе излеземе со детална анализа каде и во кои училишни објекти низ државата има потреба да се вложува и ќе направиме конкретен план со инвестиции и рокови за постапување“, додаде министерката за образование и наука.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK