Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи по објавените резултати од пописот на населението каде македонското малцинство е преполовено во споредба со претходниот попис.
МНР најави дека со него планира да ги прецизира недостатоците и недоследностите во пописниот процес.
„Поради итноста на материјата очекуваме консултациите да се случат во текот на оваа недела и за сите дополнителни детали јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од МНР.
Македонските здруженија не ги прифаќаат резултатите од пописот. Велат дека македонското малцинство било под притисок на бугарски здруженија кои се заканувале со одземање на бугарските пасоши. Најавуваат неформален попис кој ќе ги покаже вистинскиот број на Македонци кои живеат во Албанија.
Стерјовски, во името на Македонската алијанса за европска интеграција – МАЕИ вели дека станува збор за фалсификувани податоци, наведувајќи дека не е можно да има само 2.281 Македонец иако на пописот во 2011 година биле регистрирани 5.512 Македонци. МАЕИ, единствената политичка партија на Македонците во Албанија, тврди дека на подрачјето на Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што живее македонското малцинство, притисоци вршеле официјални претставници на Бугарија, откако низ годините беа делени бугарски пасоши на албански државјани чија цел била работа во земјите на ЕУ.
„Пред почетокот на пописот, но и за време на пописот на подрачјето на Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што живее македонското малцинство, доаѓаа претставници на бугарските институции кои донираа разни средства, подароци и хуманитарна помош, но и правеа пропаганда за жителите да се изјаснат како Бугари во замена за бугарски пасош“, нагласуваат од МАЕИ.
Според тамошниот бугарски амбасадор, Ивајло Киров, владата во Тирана овозможила жителите со бугарско потекло, слободно да ја изразат својата етничка припадност. 7057 лица се изјасниле на пописот дека имаат бугарска националност во краевите кадешто живее македонското малцинство.
„Искрено сме многу изненадени од резултатите. Албанија е најпријателската и најгостопримлива земја за Бугарија и за Балканот“, изјавил Киров.