Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска денеска оддржа прес-конференција пред седиштето на партијата, на која кажа дека во недела таа нема да излезе да гласа и ги повика останатите противкандидати да го сторат истото.
„Моето име ќе се најде на избирачкото ливче, бидејќи материјалите се веќе испечатени, но јас лично нема да излезам да гласам и се разбира дека тоа треба да го направат и останатите. Не е прашањето кој од нас четворица ќе бид еизбран, влогот е многу поголем. Во прашање е СДСМ и легитимитетот на сите одлуки што во иднина треба да бидат донесени“ порача Петровска.
Во изјава за медиуми, Петровска посочи дека до неа стигнале многу информации од членови и од општински организации за сериозни неправилности околу избирачките списоци и побара изборите за претседател закажани за в недела да не се одржат, а наместо тоа да се избере времено раководство на партијата.
„СДСМ на секој еден од нас и на кандидатите и на членовите и симаптизерите ни е премногу важен за да го ставиме пред било чии интереси, и затоа ги повикувам останатите противкандидати, во недела да не се одржи гласањето, да одржиме состаноци во рамките на партијата, да се договориме и да избереме времено раководство на партијата, кое ќе биде во можност да спроведе фер и демократски избори тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.
Во меѓувреме, тоа раководство да има полн легитимитет за да носи одлуки во интерес на партијата“ изјави Петровска.