Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со новиот министер за локална самоуправа Златко Перински.
Како челник на здружението кои ги застапува сите единици на локалната самоуправа тој со новиот министер дискутираше за актуелните состојби и потребите кои ги имаат општините, фокусирајќи се на предизвиците со кои се соочуваат.
Градоначалникот Ѓорѓиевски го информираше министерот дека во последниве неколку седмици остварил повеќе поединечни средби со градоначалниците од различни општини и ги нотирале заедничките проблеми кои ги имаат, со цел што побрзо и поефикасно да се надминат.
Истакна дека сега, кога државата има нова централна власт, е оптимист дека состојбата значително ќе биде променета и дека очекува одлична соработка на општините со владата и министерствата, пред се со Министерството за локална самоуправа кое има поголеми надлежности во оваа сфера.
Од новиот министер Перински тој доби уверување дека соработката со локалната самоуправа ќе биде на одлично ниво и дека граѓаните наскоро ќе го почувствуваат бенефитот од таа соработка.
-Денес, како претседател на ЗЕЛС остварив прва средба со новиот министер за локална самоуправа Златко Перински, при што го информирав за актулните состојби и предизвиците со кои досега сите се соочувавме како резултат од непостоењето на соработка со претходната влада. Акцентот го поставив врз потенцијалите од една страна и заедничките предизвици од друга страна и можностите за нивно надминување. Како претставник на новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ, која најави големи средства за општините, посебно затоа што неговиот ресор е директно поврзан со единиците на локалната самоуправа, побарав поддршка посебно во најгорливите теми со кои сите се соочуваме- обезбедување на повисок степен на децентрализација и надминување на разликите помеѓу администрациите во локалната и централната власт поради кои општините се соочуваат со финансиски проблеми. Посебно ме израдува што наидов на позитивен прием од новиот министер Перински кој истакна дека е расположен за тесна соработка и дека општините може да сметаат на реализација на повеќе капитални проекти. Се договоривме дека заеднички ќе ги дефинираме приоритетите и динамиката на работа. Се’ на се’, сметам дека нашите жители наскоро ќе ги почувствуваат позитивните промени од фактот што ќе се работи сплотено и исклучиво на страна на граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.