Руска подморница на нуклеарен погон и други бродови на руската морнарица денеска пристигнаа во Куба во петдневна посета на комунистичкиот остров во близина на брегот на Флорида. АФП вели дека тоа е демонстрација на сила во услови на зголемени американско-руски тензии.
Подморницата Казан, за која Куба вели дека не носи нуклеарно оружје, била придружувана од фрегатата Адмирал Горшков, танкер за гориво и по еден шлепер. Руското Министерство за одбрана објави дека пред да заплови во Хавана, флотата „завршила вежба за употреба на високопрецизно ракетно оружје“.
Невообичаеното распоредување на бродови на руската морнарица толку блиску до Соединетите држави – особено моќна подморница – доаѓа во време на зголемени тензии околу војната во Украина, каде што владата поддржана од Запад се бори против руската инвазија.
Тоа се совпадна и со средбата во Москва меѓу кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез и неговиот руски колега Сергеј Лавров, каде што поранешните сојузници од Студената војна дополнително ги зајакнуваат своите врски.
За време на средбата, Родригез изрази дека Куба „ја отфрла идејата за проширување на НАТО кон руската граница“, што според него „доведе до актуелниот конфликт во Европа, особено меѓу Москва и Киев“, се вели во соопштението на кубанското Министерство за надворешни работи. .
Тој повика и на „дипломатско, конструктивно и реално решение“ на кризата.