Министерот за правда Кренар Лога реагираше на изјавата на Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Наместо меѓу експертите, Лога ги наоѓаше кадрите во Зајас, обвини идниот премиер Мицкоски.
„Почитуван мандатар. Среќата за да бидете премиер уште од 2020 ви беше меѓу Зајас и Мала Речица, понекогаш и седиштето Ви беше таму, односно како замрзнат имот пред суд. Можеби и бевте во право, но тогаш судбината, според Вашите луѓе, висеше во тие координации. Почитуван г. Мицкоски, Јас сум одговорен за Министерството за правда од 01.03.2023 и мојата одговорност е ограничена поради фактот што сите тие кадри со кои Вие спинувате, се вработени како дел од Вашето владеење од 2006-2017, некои од тефтерчето на Горде, некои од „сваровски“ судството кои Вие повеќе од една деценија си го изградивте. И за крај, судскиот систем уште не може да стане на нозе поради фактот на човекот на кој Вие му бевте генерален секретар, односно човекот кој Ве избра за да бидете претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И милијардата евра од него ќе ви дојде, и првата официјална посета ќе биде од страна на неговиот чувар“, порача Лога.
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на новинарско прашање поврзано со изјавата на Кренар Лога дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот Совет е лош, посочи дека таа реформа беше поддржано од половина милион граѓани.
-Што се однесува до самата реформа ние излеговме пред граѓаните, добивме половина милион гласа, објавивме фронт и борба против криминалот и корупцијата и една од мерките беше таа која што јавно ја зборувавме. Јас на секој настан, на секоја средба со граѓаните јавно го зборував, рече Мицкоски и додаде:
-Господинот Кренар Лога имаше можност во својот мандат наместо да има судството да има доверба кај граѓаните од 2,3,5 %, да направи реформи и таа доверба да ја зголеми, за жал ја пропушти. Сега ќе дојде некој друг на негово место кој што се надевам дека ќе успее барем да ја направи двоцифрена, и тоа многу двоцифрена. За жал тој одлучи наместо да работи за граѓаните-плодна почва од каде што ќе се изнајдат кадрите во обвинителството посебно и судството, да биде Зајас, мислам дека лоша локација на google maps нашол, требало да најде поинаква, а тоа е во канцеларијата на министерот за правда, со експертите да работи и да соработува“, рече тој.