Светската здравствена организација (СЗО) ја потврди првата смрт на човек заразен со подтипот на птичји грип H5N2.
Тоа е исто така првиот случај на инфекција од птичји грип во Мексико.
„Ова е прв лабораториски потврден случај на инфекција со подтип А (H5N2) птичји грип кај човекот и првата инфекција со вируси H5 во Мексико“, се вели во изјавата на СЗО.
Човекот не бил изложен на живина или други животни. Во април, тој разви треска, тешкотии во дишењето, дијареја, гадење и општа слабост, а една недела подоцна побара медицинска помош. Тој почина во истиот ден поради компликации. Мажот имал хронично заболување на бубрезите, дијабетес тип 2 и висок притисок, велат од мексиканското Министерство за здравство.
Ниту еден од луѓето што биле во контакт со него не е заразен, а изворот на инфекција не бил идентификуван. Мексиканското Министерство за здравство соопшти дека опасноста за населението е мала.