Германските ресторани и хотелиери очекуваат рекорден број посетители за време на Европското фудбалско првенство, но истовремено стравуваат од недостаток на кадар, пишуваат германските медиуми.
„Речиси е невозможно да се најде персонал на пазарот, ќе мораме да управуваме и да привлекуваме персонал од други гранки преку приватни агенции за посредување за одреден временски период“, вели Сами Нофал, менаџер на паркхотелот Хајнер во Гелзенкирхен во Западна Германија, каде, меѓу другото, се одржуваат натпревари.
Во склоп на хотелот има и голема тераса на која ќе биде организирано јавно гледање на натпреварите на ЕП, кои ќе се одржат во Германија од 14 јуни до 14 јули.
Персоналот „позајмен“ за време на натпреварите ќе чини значително повеќе, но немаме излез“, вели Нофал.
На рестораните низ Германија им е тешко да најдат нов персонал во нивната земја пред Европското првенство, кој делумно ја напушти индустријата за време на пандемијата на коронавирус.
Синдикатот на вработени во хотелиерството и угостителството НГГ смета дека работниците го свртеле грбот на угостителството и хотелиерството и дека во голема мера не се вратиле по пандемијата поради традиционално ниските саатници.
„Ова, како што покажа анкетата меѓу нашите членови, е главната причина поради која персоналот му врти грб на угостителството“, велат од НГГ.
По правило, рестораните им плаќаат на своите вработени околу 13 евра на час за келнери.
Здруженијата на угостители причината за кадровските проблеми ја гледаат пред се во „академизацијата“ на општеството и демографските промени.
Критичарите на социјалната политика на актуелната власт посочуваат дека на овие работни места тешко се придобиваат милионите бегалци кои од 2015 година пристигнаа во Германија бидејќи по правило социјалните бенефиции се повеќе од заработувачката во угостителството. Покрај тоа, бегалците и барателите на азил генерално не зборуваат доволно добро германски за да работат директно со клиентите.
И покрај проблемите со персоналот, рестораните и хотелиерите очекуваат позитивен биланс на претстојното ЕП во Германија и слични поволни ефекти како за време на одржувањето на СП 2006 во Германија.