САД и Чешка потпишаа меморандум за соработка во борбата против дезинформациите

blinken-lipavski.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Соединетите Американски Држави и Чешка денеска во Прага потпишаа меморандум за соработка во борбата против кампањите за дезинформација.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот чешки колега Јан Липавски потпишаа договор кој има за цел ефективно да се спротивстави на Русија кога станува збор за дезинформации.

Блинкен рече дека соработката ќе придонесе за „ефикасно справување со дезинформациите, отровот вбризгуван во нашите демократии од нашите противници“.

Блинкен е во Прага до петок и треба да учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО. Тој рече дека и 20 години по пристапувањето, Чешка дава значаен придонес во тој сојуз.

Липавски рече дека Русија ги нападна демократиите ширум светот со својата сајбер војна, пропаганда и други операции.

Како пример, тој ја истакна проруската пропагандна мрежа Voice of Europe, која и Чешка и ЕУ неодамна ја ставија на санкционираната листа.

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го финализира предлогот за „одмазднички мерки“ против Европската унија бидејќи блокот забрани емитување на четири руски медиуми на нејзина територија.

ЕУ претходно овој месец објави дека ја прекинува дистрибуцијата на „Гласот на Европа“, новинската агенција РИА Новости и весниците Известија и Росискаја Газета.

Во соопштението за печатот, Европскиот совет пишува дека така одлучил бидејќи медиумите „биле клучни во иницирањето и поддршката на руската агресија против Украина“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, претходно предупреди дека одговорот на забраните ќе биде исклучително болен. Таа во четвртокот на прес-конференцијата рече дека одговорот е во завршна фаза на подготовка и дека ќе биде доставен на одобрување во следните неколку дена.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK