Државниот санитарен и здравствен испекторат извршил контрола на Клиниката за токсикологија во однос на договорите за вработување на лицата за кои постојат тврдења дека дел од нив се без соодветно образование. Од контролата било увидено дека овие договори го содржат само потписот на организациската директорка, Бесија Иљази.
Директорката на Инспекторатот, Рената Младеновска, рече дека согласно законските одредби во однос на потпишувањето на акти, медицинскиот и организацискиот директор имаат заедничка надлежност и кај потпишувањето на договорите за вработување, отказни решенија, јавни набавки.
„Ако овие акти се потпишани само од еден директор, согласно законот за здравствена заштита се сметаат за непотпишани, но, законодавецот не предвидел глоба по ова прашање“, рече Младеновска, додавајќи дека ќе го информираат министерството за здравство има ингеренции да постапува ако договорите не се валидни, правниот сектор треба да се изјасни.
ДСЗИ претходно забрани лицата кои немаат важечки договори за вработување да работат, откако тие доаѓале на Клиниката со истечени договори на инсистирање на Иљази. На 15 мај, како што информираше Младеновска, договорите биле потпишани со еден потпис.
Клиниката за токсикологија цел месец ја тресеа скандали со лицата, кои и покрај тоа што немаа договори, доаѓаа на работа, а многумина од лекарите јавно се пожалија дека немаат комуникација со организациската директорка, и реално имаат потреба од двајца дипломирани биолози и еден болничар. Кога докторите јавно ја прозваа Иљази дека не соработува со нив, не го зборува македонскиот јазик, не се знае ништо за нејзиното образование, клиниката е во долгови, а во моментот не функционира токсиколошката лабораторија и се снаоѓаат со тестови и со еден лаборант, Иљази ги потпиша договорите за вработување на договорците, и наместо да одговори на критиките, донесе писмена наредба за забрана за докторите да не комуницираат со медиумите.
Минатата недела, министерот за здравство, Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата.
Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави во 2023 година.
Додаде дека го замолил веќе разрешениот медицински директор, Данил Петровски, пред изборите да ги продолжи договорите, но тој одбил. За разрешувањето на Петровски, Демири тврди дека тоа не било политичка кампања, туку биле констатирани неправилности во работата.
И покрај сите поплаки од вработените за организациската директорка на Клиниката, Иљази, министерот изјави дека таа ќе остане на својата позиција сѐ додека не го прекрши законот.