Последните случувања со големиот скандал за земање на мито од 10 илјади евра од страна на судијата Наќе Гроргиев и второсомничениот јавен обвинител Иџет Мемети е само уште еден доказ дека во Македонија власта на СДС и ДУИ, наместо правен воспостави криминален систем, изјави портпаролката н ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Колку е огромен овој скандал потврдува и фактот што станува збор за кривично дело земање поткуп од судија и јавен обвинител, а истото противправно дејство е со единствен цел – обезбедување олеснителни околности за кривичен случај кој се води против поранешен градоначалник на Ново Село – Боро Стојчев. Додека сите ние чекаме и бараме правда, одговорните за спроведување на правдата се први во криминалот. Не залудно на сите мерења на јавното мислење довербата во судството, обвинителството и правосудниот систем во целина е на поразителни 1%, историски најниско ниво на доверба додека токму власта на СДС и ДУИ ги убедуваше граѓаните дека тие се европски фронт. Ова е уште еден доказ зошто во Македонија нема систем, нема функционални институции, нема правда и со сигурност граѓаните немаат мир“, рече Митева.
Како што додаде, после откривањето на скандалот со корупција во највисоките редови во правосудството, логично се поставува прашањето дали овој случај со ексградоначалникот и митото од 10 илјади евра е единствен случај на овие два функционери во правосудството.
Таа праша дали и колку илјадници евра биле барани за случаите со финансиски криминали, трговија со дрога, убиства и слично за кои јавноста е сведок дека не видовме ниту право ниту правда? Дали е точно дека во правосудството само во изминатите неколку години биле изрекетирани неколку милиони евра? Колку накевци и иџетовци инсталираа СДС и ДУИ во македонското правосудство? Остана да лебди и прашањето дали и колку длабоко пипците на судскиот октопод се раширени во системот и дали главата на тој октопод се всушност функционери на власта на СДС и ДУИ?
ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните органи од почеток до крај, од првиот до последниот темелно да го истражат и овој, но и многу други случаи за кои има основано сомнение.