Репортери без граници денеска го објавија својот годишен извештај за слободата на медиумите во светот, според кој Македонија се наоѓа на 36 место, што е за две места подобор од 38 место претходната година.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
Репортери без граници ја издвојува Аргентина под новиот претседател Хавиер Милеи, која падна за 26 места, од 40 на 66 место и пишува за „спектакуларната мимикрија на руските репресивни методи“ низ Источна Европа и Централна Азија, вклучително и во Србија, каде што „провладините медиуми емитуваа Руска пропаганда, а властите им се закануваат на руските новинари во егзил“.
Индексот на слободата на медиумите и натаму го предводи Норвешка, потоа Данска и Шведска, а најлоша е ситуацијата во Еритреја, која го презеде дното на листата од Северна Кореја. Меѓу најлошите десет се и Кина, Иран, Авганистан и Сирија, пишува агенцијата Франс прес.
И Босна и Херцеговина падна многу на овогодинешната листа и сега е на 81 место, Србија е уште полошо, на 98 место, Црна Гора е на 40, Хрватска на 48 место, а Словенија на 42. Од земјите на ЕУ, послаб индекс на слободата на медиумите имаат Романија, Бугарија, Кипар и Грција, која според овој критериум е на 88-то место, најлош во Унијата.
Албанија е на 99 место, а Косово на 75, според извештајот.