Денес, 2.569 гласачи своето право на глас ќе можат да го остварат во 31 гласачко место во ДКП каде што се пријавиле да гласаат, а чии што пријави се прифатени од страна на Државната изборна комисија.
На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот.
До овој момент гласањето тече без проблеми. Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе можат да го остварат и 2 гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Во текот на денешниот ден избирачките одбори во Република Северна Македонија ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 6.935 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни.
Денес, 534 гласачи кои се сместени во 20 центри за вонсемејна грижа ќе имаат можност да го остварат своето право на глас во центарот каде што се сместени. Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми. Државната изборна комисија досега издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари. На сите граѓани на располагање им се и интернет страницата на ДИК www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук, X, Инстаграм како и каналот на Јутјуб, каде што ќе можат да најдат правовремени и точни информации поврзани со изборите.
Со право на глас на овие избори во Избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.317 гласачи.