Над 400 приватни специјализанти утрово излегоа на генерален штрајк, барајќи покачување на платите и здравствено осигурање.
Тие истакнаа дека надоместокот што во моментот го добиваат изнесува 26.000 денари, а бараат да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа. Едно од нивните барања е и решавање на статусот на невработени лица без пензинско и издравствено осигурување.
Велат дека Министерството за здравство нема слух за нивните проблеми, а по протестот на 27 март, имале средба со министерот, Илир Демири, на којашто им било ветено дека барањата ќе бидат изнесени на следната седница на Влада, но од тогаш одржани се две седници, а на ниту една од нив не станало збор за ова шрашање.
Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година, изјави дека штрајкот ќе продолжи се додека не добијат писмени гаранции дека нивните барања ќе бидат исполнети, а тоа значи дека нема да ги извршуваат своите работни обврски, да се појавуваат на дежурства и да држат амбуланти.
Како што беше посочено, специјализантите се принудени да се лекуваат приватно, а во текот на породилното отсуство им се укинува надоместокот од 26.000 денари.
„Лично ми се случи да си ја платам инфузијата од 1000 денари на Инфективна клиника приватно затоа што не сум здравствено осигурана. Нашиот статус никако не е решен, без разлика на нашето издвоено време и колку жртви имаме направено“, изјави Тамара Пејоска, специјализант на пластична хирургија.
На државните клиники работат околу 400 приватни специјализанти.