Пописот на населението, домаќинствата и становите во Косово почна денеска и се очекува да трае до 17 мај.
Тоа е прв попис на населението во Косово од 2011 година.
Агенцијата за статистика на Косово (АСК) на својата веб-страница објави дека од 5 до 10 април нејзините вработени ќе ги посетат домовите на голем број граѓани за да делат материјали како летоци, информативни писма и известувања за областите за регистрација.
Во тој период ќе се разговара со некои домаќинства.
Како што рекоа од Агенцијата за статистика, генералното пријавување треба да започне на 10 април.
Во меѓувреме, на денот на почетокот на пописот, на средбата на премиерот на Косово, Албин Курти, со градоначалниците на општините, беа упатени критики дека процесот не е добро подготвен.
Во некои општини, како Призрен, регистрацијата нема да започне пред понеделник бидејќи се потребни дополнителни подготовки.
Претходно беше најавено дека граѓаните ќе пополнат седум прашалници, меѓу кои и оној за штетите предизвикани за време на конфликтот во 1998 и 1999 година.