Руските истражители денеска соопштија дека пронашле фотографии кои наводно ги поврзуваат со Украина, на мобилниот телефон на еден од осомничените за минатомесечниот напад на концертната сала „Крокус Сити Хол“ во близина на Москва.
Во нападот загинаа повеќе од 140 луѓе, а 360 беа повредени.
ИСИС во повеќе наврати ја презеде одговорноста за нападот на 22 март, но Русија постојано навестуваше дека Киев и Западот биле вмешани. Уапсени се 12 осомничени, меѓу кои и четворица напаѓачи кои по потекло биле од Таџикистан.
Истражителите велат дека податоците од мобилниот телефон на еден од осомничените покажуваат дека утрото на 24 февруари минатата година, на втората годишнина од таканаречената руска воена операција во Украина, тој побарал фотографии од „Крокус Сити Хол“ и им ги испратил на други. Тие додаваат дека осомничениот „сето тоа го потврдил во своите изјави“, пренесува Ал Арабија.
Се наведува дека на истиот телефон биле пронајдени дополнителни фотографии на кои се гледаат луѓе во маскирни униформи како држат украински знамиња пред уништените згради.
„Овие податоци може да укажуваат на поврзаност меѓу нападот и конфликтот во Украина“, велат руските истражители.