Столтенберг: НАТО почнува да ја планира својата поголема улога во помагањето на Украина

Видео-Столтенберг-Украина-успеа-да-врати-50-отсто-од-териториите.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Членките на НАТО се согласија да продолжат да ја планираат својата поголема улога на Алијансата во координацијата на безбедносната помош за Украина, која може да смета на тоа сега и долгорочно, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.


„Сојузниците денеска се согласија да почнат со планирање за поголема улога на НАТО во координацијата на безбедносната помош и обука“, рече Столтенберг на прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.

„Денес не е донесена конечна одлука во каква форма ќе биде, деталите ќе бидат разработени во наредните недели. Но, не се сомневајте, Украина може да се потпре на поддршката на НАТО сега и долгорочно“, додаде првиот човек на НАТО.

Главна тема на министерскиот состанок е предлогот на Столтенберг за пакет од 100 милијарди евра за следните пет години за да се обезбеди сигурна помош за Украина во случај на одредени политички промени. Според дипломатски извори, со тоа би се избегнала опасноста помошта за Украина да биде доведена во прашање во случај Доналд Трамп да се врати во Белата куќа.

Самиот Столтенберг не сака јавно да потврди дека станува збор за тој конкретен предлог или за цифрата што се споменува. Досега помош за Украина се даваше преку т.н Контакт групи кои обединуваат околу 50 земји под водство на САД, а сега се предлага тоа да се направи во рамките на НАТО.

Генералниот секретар вели дека очекува консензус за ова до самитот на НАТО, кој ќе се одржи во јули во Вашингтон. Сите одлуки во НАТО се носат со консензус, а барем досега нема.

Портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач објави на X дека министерот за надворешни работи Петер Сијарто изјавил дека „Унгарија нема да поддржи ниту еден предлог што би можел да го доближи НАТО до војна или да го претвори од одбранбена во офанзивна коалиција“.

Столтенберг рече дека посигурната и посилна помош на НАТО нема да го промени нејзиниот карактер како одбранбен сојуз и дека за ова прашање разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Не разговараме за борбеното присуство на НАТО во Украина, ние разговараме за тоа како можеме да ја координираме и да испорачаме помошта на Украина однадвор, како што тоа го прават сега сојузниците“, рече Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање.

Утре на министрите за надворешни работи на НАТО ќе им се придружи шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба на состанокот на Советот НАТО-Украина.

Министрите ќе разговараат и за безбедносните предизвици во јужното соседство, вклучително и заканите од тероризмот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK