Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел. На 75 годишнината од формирањето на НАТО, сојузниците дискутираа за низа значајни прашања, во насока на подготовка на одлуките кои треба да се усвојат на Самитот на НАТО во Вашингтон, кој ќе се одржи во јули 2024 година.
„Ова е значаен министерски состанок бидејќи заеднички со сите сојузници, тука во седиштето во Брисел, ја одбележуваме 75 годишнината од формирањето на Алијансата. И овој важен јубилеј коинцидира со приклучувањето на Шведска во нашето трансатлантско семејство. Ова е силна потврда дека политиката на отворени врати на НАТО не само што е жива, туку е и зајакната и со силен фокус на сите земји сојузнички”, рече Османи.
Нагласи дека повеќе од кога било претходно, време е за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан и дека забрзувањето на овие процеси е клучно за спротивставување на руските намери и консолидирање на целокупната стабилност.
„Нашиот регионот сѐ повеќе станува поле за геополитички натпревар, а Западниот Балкан е на линија на огнот меѓу цивилизацискиот судир меѓу Западот и Истокот. Руската воена агресија врз Украина покажа дека безбедносната архитектура во Европа е нарушена, а како што сум истакнал и во други прилики, Украина е само првата станица од руските империјалистички амбиции. По Украина, руската агресија се очекува да продолжи и наредна станица да бидат земјите од Западен Балкан” рече Османи.
На состанокот беа разгледани начините и механизмите за натамошно зајакнување на поддршката за Украина, начините за натамошно продлабочување на соработката на НАТО со партнерите од Индо – пацификот како и за натамошно зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата и во таа насока Османи нагласи дека Северна Македонија го постигнала минималниот праг од 2% од БДП за инвестициите во одбраната.