Резиденцијата на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони во Рим, каде што наводно се одржувале така наречените „бунга бунга“ забави со проститутки, беше пренаменетa како седиште на меѓународните медиуми.
Берлускони, кој почина минатиот јуни на 86-годишна возраст, доминираше со италијанската политика од 1990-тите и беше вмешан во серија корупциски и секс скандали. Поранешниот италијански премиер престојуваше во дел од римската палата Грациоли од 1996 до 2020 година.
Просторот од 1.600 квадратни метри сега е претворен во канцеларија и центар за прес-конференции, со лустери и обоени тавани, за 450-те членови на италијанската асоцијација за странски печат.
Италијанската влада традиционално ја плаќа киријата за здружението, а нејзиното ново седиште го отвори во вторникот претседателот Серџо Матарела.
Тоа е еден од многуте домови што му припаѓаа на милијардерот Берлускони низ Италија, а кога тој беше во него имаше прозори отпорни на куршуми и голем кревет, подарок од рускиот претседател Владимир Путин, пријател на покојниот премиер.
Резиденцијата била поврзана и со проституција. Бизнисменот Џанпаоло Тарантини беше осуден за најмување проститутки за доцните вечерни забави на Берлускони во палатата, надевајќи се дека ќе ја добие наклонетоста на тогашниот премиер.
Патриција Дадарио, една од тие жени, пред судот и во книгата рече дека одбила да учествува во оргија со Берлускони, но дека спиела со него на креветот што Путин му го подари ноќта кога Барак Обама победи на претседателските избори во САД во 2008 година.
Берлускони во 2009 година изјави дека не знаел дека Д’Адарио е проститутка. Никогаш експлицитно не негираше дека ја поминал ноќта со неа, но призна дека „не е светец“.
Војводата Џулио Грациоли, аристократ чие семејство ја поседува палатата од 1840-тите, изјави дека видел многу луѓе како доаѓаат и си одат додека Берлускони живеел таму.
„Беше многу забавно од таа перспектива“, рече тој. Берлускони, конзервативен медиумски магнат кој често се наоѓаше во судир на интереси, немаше добри односи со новинарите, а особено беше внимателен кога станува збор за странските медиуми, кои ги сметаше за пристрасни или непријателски настроени кон него.
„Не знам што би мислил Берлускони таму за овој куп комунисти, како што би рекол тој, кои се вселуваат во палатата Грациоли“, се пошегува италијанската премиерка Џорџа Мелони на настан со странски новинари минатиот месец.