Градоначалникот и кандидат за претседател на Македонија, Стевчо Јакимовски на вонредна прес конференција изјави дека е изненаден од одлуката на Стејд Департментот за ставањето на црната листа.
Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилие, освен како директно мешање во изборниот процес во Македонија, рече Јакимовски.
„Ова е кукавички чин на оние што го губат тлото под нозете, па помош бараат од Американците. Ниту Американци ниту свети Американци нема да ни кажат кој ќе ни ја води Македонија. Тие ја направија оваа влада од која сме многу „среќни“ во 2016 година. Сега поврторно сакаат да ни скројат влада како тие што сакаат, и претседател каков што тие сакаат. Ги повикувам граѓаните да им покажеме дека не можат да си играат со еден вака мал народ“, кажа Јакимовски.
Најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознато лице, за неговото додавање на црната листа. Вели дека ова е директно мешање во изборниот процес и дека тој нема да се повлече.
„Ни случајно, да знам да умрам нема да се повлечам од изборната трка“, дециден е Јакимовски.
„Ова е само потврда дека мојата политика е исправна и во одбрана на македонските национални интереси. Ме ставаат во ист кош со нивниот бисер и срам Катица Јанева која правеше истраги и ништо не најде за мене, изјави Јакимовски.
Тој рече дека оваа одлука на Стејт департментот за да го стави него и неговото потесно семјство на црната листа е резултат на анкети, кои покажувале дека тој ќе влезе во вториот круг на претседателските избори.
Потсети дека не случајно токму денеска е објавена црната листа, кога ја поднел кандидатурата во ДИК и откако ги собрал потребните потписи.
„Донал Трамп има 113 кривични пријави, сценариото таму од длабоката држава е или да го оневозможи да учествува на изборите, да го стават во затвор или да го убијат. Истото сценарио се случува во Унгарија против Виктор Орбан, против Вучиќ. Ова е директно мешање во внатрешните односи на Македонија во избор на претседател и тврдам дека не може никој да ни каже кој ќе ни ја води Македонија“, додава Јакимовски.
Американскиот Стејт Департмент денеска објави дека на црна листа се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат на претстојните избори Стевчо Јакимовски. Од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.