Во Врховниот суд на денешната јавна седница за жалбата против продолжување на мерката притвор за Александар Ѓорчевски, таткото на 14-годишната Вања кажа дека не му е важно каде ќе ја дочека разрешницата на случајот.
„Јас сум на два света во моментов. Едното дете се наоѓа тука, другото ми го земаа. Не ми е битно каде ќе ја дочекам оваа разрешница. Кога ќе се донесе одлуката ќе донесам лична одлука дали ќе се придружам на постарата ќерка“, рече тој.
Жалбата до Врховниот суд следи откако скопска Апелација претходно го одби како неосновано барањето за укинување на притворот на таткото на Вања и го потврди решението од Кривичниот суд со кое му се продолжува мерката притвор за уште 30 дена.
Обвинителката Наталија Тасевска е против тоа таткото на Вања да биде ослободен од притвор.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, правен застапник на Александар Ѓорчевски, бара укинување на неговиот притвор поради тоа што, како што вели, за притворот нема основана аргументација.
„Верувам од првиот ден дека Александар не е виновиен и дека сето ова што се случува е голема грешка. Верувам дека Врховниот суд и судиите ќе имаат поинаков пристап од пониските судови за овој осомничен и со внимание ќе ги разгледаат аргументите кои одат исклучиво во прилог на осомничениот“, рече Туфегџиќ.