Францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска изјави дека е време западните сојузници да преземат поголема одговорност за Украина и нагласи дека сега не е време за кукавичлук.
За време на своето обраќање во Прага, францускиот претседател истакна дека дојде моментот кога „кукавичлукот не е прикладен во нашата Европа“, пренесува „Ројтерс“.
Макрон се соочи со критики од многу западни лидери откако отворено предложи испраќање западни трупи во Украина на самитот во Париз за украинската криза.
Осврнувајќи се на руската инвазија на Украина, Макрон изјави дека Франција и Чешка се „свесни дека војната повторно е на наша почва (во Европа), дека некои сили кои станаа незапирливи ги шират своите закани и не’ напаѓаат секој ден и дека Европа ќе мора да одговори на историскиот предизвик и да покаже храброст.
Француските власти подоцна тврдеа дека Макрон сакал да ја поттикне дебатата и дека идеите за кои тој разговарал вклучувале неборбени трупи во улоги како што се деминирање, обезбедување заштита на границите или обука на украинските сили.
За време на посетата на чешкиот главен град, Макрон се очекува да разговара за плановите за финансирање на брзата набавка на муниција од трети земји за Украина, а францускиот претседател навести дека Париз ќе помогне во иницијативата, без да даде детали.