Денеска во САД е „Супер вторник“, најголемиот ден од овогодинешната кампања за претседателските номинации на демократите и републиканците, бидејќи натпреварот се одржува во 16 американски сојузни држави.
Внатрешните партиски избори ќе се одржат од Алјаска и Калифорнија до Вирџинија и Вермонт и тие се клучен момент за актуелниот американски претседател Џозеф Бајден и неговиот претходник Доналд Трамп, кои се главни кандидати за претседателските номинации на Демократската и Републиканската партија, јавува Гласот на Америка.
Повеќе од една третина од вкупниот број делегати се освоени на изборите на „супер вторник“, а републиканскиот кандидат може да освои 854 од вкупно 2.429 делегати, додека демократите можат да освојат 1.420, што е исто така повеќе од една третина од делегатите.
Сепак, ниту републиканците ниту демократите не можат да ја добијат номинацијата по „супер вторник“. Трамп, кој е фаворит за номинацијата на републиканците, сега има 122 делегати и му требаат уште 1.093 за да ја достигне потребната бројка од 1.215, пренесува медиумот.
Бајден, фаворитот на демократите, сега има 206 делегати и има потреба од 1.986. Се предвидува дека Трамп би можел да ја обезбеди номинацијата до 12 март, а Бајден до 19 март.
Според написите, Републиканците можат побрзо да го соберат потребниот број на делегати бидејќи го имаат принципот дека тој што ќе освои најмногу гласови во една држава ги добива сите делегати, додека демократите ги распределуваат делегатите по пропорционален систем. Поранешниот претседател Трамп доминира во трката на републиканците, а неговиот последен голем ривал, поранешната амбасадорка во ОН, Ники Хејли, „се мачи“ да остане во чекор, јавува Гласот на Америка.