„ДПМНЕ нема никогаш да признае и да прифати дека благодарение на СДСМ нашата земја се врати на мапата на прогресивниот свет“, порача при реплика од собраниската говорница пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска, наведувајќи повеќе факти и показатели.
„Според последниот извештај на Глобалниот индекс за мир, институтот за економија и мир, нашата земја е рангирана на 38 место, пред нас од регионот се само Хрватска и Словенија. Заборавате дека во последниот извештај на „Фридом хаус“, нашата земја доби 68 поени. Од 2017 година натаму постојано го подобруваме рангот кај оваа многу важна институција. Во 2017 сме имале 57 поени, сега 68“, нагласи Тасевска.
Пратеничката Тасевска истакна дека организацијата „Репортери без граници“ ја рангира Македонија на 38 место, затоа што критичката, демократската мисла е признаена и прифатена во времето кога СДСМ ја предводи државата.
„Потоа, извештајот на престижниот „Стандард и Пурс“ повторно го потврди кредитниот рејтинг на Република Северна Македонија“, рече Тасевска.
Таа додаде дека агенцијата „Стандард и Пурс“ потврдува дека земјата ја очекува забрзан економски раст, умерено ниво на јавен долг и фискална консолидација.
„Сите овие параметри од различни сфери на општественото делување кажуваат дека вие немате никакви тези кога ја критикувате оваа власт предводена од СДСМ и затоа потсетувате на онаа позната изрека на Леонардо Да Винчи: „Важно е да знаеш како да гледаш“, а за жал од опозицијата не знаете каде да гледате, само го читате она што претходно ќе ви го сервираат“, истакна пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска, при реплика кон пратеничката од ДПМНЕ Ане Лашковска.